Казните од „Safe City“ официјално ќе почнат од 1 февруари – Исмаили: Овој систем ќе функционира и на Коридорите 8 и 10

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Казнувањето на сообраќајните прекршоци преку системот „Безбеден град“ ќе започне од 1 февруари, еден месец подоцна од претходно најавениот датум – 1 јануари. Веста ја потврди за ТВ21 помошник- заменик-министерот во МВР, Мухамет Исмаили, кој информираше дека покрај Скопје, Куманово и Тетово, системот ќе биде во функција и на Коридорите 8 и 10. Според надлежните институции, ова пролонгирање доаѓа поради потребата од дополнителни технички проверки и усогласување на правните процедури.

-Од 01.02.2026 системот SafeCity целосно ќе биде ставен во функција во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 10 и 8, додека во другите градови се предвидува да започне во текот на 2026 година, вели Мухамет Исмаили, помошник-заменик министер во МВР.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека се разгледува можноста за одредена толеранција во однос на брзината.

„Значи, ние треба да ги почитуваме ограничувањата на брзината, 50 км/ч за урбани подрачја значи 50 км/ч за урбани подрачја. Секако дека и ние ќе внимаваме, исто како што прават и сите европски градови каде што имаат свои одредени параметри за толеранција – таква толеранција ќе има и кај нас“, изјави Сашо Топаловски, началник на СВР Скопје.

Системот „Безбеден град“ ќе функционира со фиксни камери кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци како пречекорување на брзината, минување на црвено светло, нерегистрирани возила, а ќе биде дополнет и со специјализирани полициски возила кои ќе детектираат неправилно паркирање и други прекршоци. Целта на овој систем е до 2030 година да се намали и преполови бројот на сообраќајни несреќи.