Ќе има ли лидерска? Мицкоски уште чека покана, Ковачевски вели, ќе биде

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема најави за скорешно одржување лидерска средба. И покрај најавата на премиерот Димитар Ковачевски веднаш по преземањето на функцијата дека ќе иницира лидерска средба со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, засега и по неполн месец покана во седиштето на партијата се уште не е стигната. Засега останува неизвесно дали и кога тоа ќе се случи, а за тоа дали Ковачевски ќе го повика Мицкоски на лидерска средба тој само кусо одговара.

„Тоа се средби кои што нормално дека ќе се случат, кога ќе има детали ќе ве информираме,“ рече Ковачевски.


Но шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски вчера изјави дека досега Ковачевски нема закажано лидерска и дека и натаму очекува покана.


„Како да е таа лидерска средба еден вид циркуска атракција па на медиуми ми се пофали дека ми се јавил едно утро за да каже дека ќе имаме средба која што патем речено се уште не ја закажал, чекам да ја закаже таа средба и ќе одам ќе се сретнеме еве каде што треба ќе разговараме за актуелните прашања. Одговорно е да разговараме преку Ковачевски со Зоран Заев и претседателот на најголемата партија во Македонија, одговорно е за иднината на државата“, вели Мицкоски.


Мицкоски уште на повикот на премиерот Ковачевски минатиот месец да разговараат за кризните прашања условуваше дека ќе прифати лидерска средба само ако најпрво се разговара за предвремените избори, за преговорите што Македонија ги води со Бугарија, како и за корупцијата во земјава. За ова од владејачката партија вратија дека предвремените избори нема да има.