Министерството за економија ниту некого излажала ниту измамила ниту некого довело во заблуда, вака министерот Бектеши ја почна прес конференцијата во врска со концесијата на рудникот Иловица, за која претходно дел од владините министри го обвинија дека ги довел во заблуда за да гласаат за одлуката за спојување на концесиите на Иловица и Штука. Бектеши единственото решение го гледа во донесувањето акт дека рудниците ќе ја загрозат животната средина, бидејќи се наоѓаат во шума а околу има ниви.
„Министерството за економија е на ставот и останува на ставот дека ние треба да постапиме целосно и да бидеме внимателни докрај за да ги исцрпиме сите можности и со акт да утврдиме дека одредена концесија е спротивна на заштита на животната средина и барањата кои се предвидени со стандардите во нашата држава“, вели Крешник Бектеши.
На вчерашната седница на Владата била поништена одлуката за спојување на концесиите, но според Бектеши тоа не значи одземање на концесии. За такво нешто вели, дека може да има правни последици.
„Во случај Владата да не донесе и да не постапува како што се случило претходно, затоа што мислиме дека тоа е голем ризик од можна арбитражна постапка Министерството за економија во моментот кога ќе се бара дозвола за експлоатација за втората концесија ќе ја донесе истата одлука која ја донел за првата концесија. А тоа ќе биде одбивање со решение на барањето за дозвола за експлоатација“, додаде Крешник Бектеши.
Од ВМР-ДПМНЕ пак прашуваат зошто ако навистина не сакале да има рудник во Иловица дозволиле фирма на семејството Дестани кое важи за блиско до ДУИ да влезе во сопственичката структура на Еуромакс Ресурсис.
„Дали компанијата на Дестани дозволила потребна студија за влијание врз животната средина да ја нема, зошто нашите информации говорат дека таква студија нема и не е доставена, и ако не е зошто не е, ако доставиле ги повикуваме јавно да ја покажат. Владата нема одговор, затоа што очигледно е дека рудник во Иловица со Дестани како дел од него со СДС и ДУИ на власт се оние кои што сакаат тоа да се реализира“, вели Марија Митева.
Претходно против рудниците се одржа протест во Струмица на кој граѓани, активисти и невладини организации одлучно рекоа дека се против отворањето на Иловица – Штука нарекувајќи ги рудници на смртта. Бараа од институциите веднаш да се спречи неговото отворање.
