Ќе поднесат ли оставки поддржувачите на Таравари? Рамадани: Во следните денови ќе видите колку е компактна АА

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали и другите функционери на AА кои го поддржуваат Таравари ќе поднесат оставка? Последен кој го стори тоа е Блеранд Рамадани, Национален координатор за имплементација на нови технологии. Тој е генерален секретар на АА и вели дека одлука на централното раководство е да ги предаде владините позиции. Според него, преостанатиот дел што сè уште не поднел оставка, чека реконструкција на владата, но уверува дека АА е компактна и мнозинството ќе се држи до принципот на нивниот лидер Таравари.

-Тоа е ситуација каде што мора да го земеме предвид фактот дека не сме во владата само за позиции и столчиња, ова е длабоко убедување и на раководството и на членството на АА. Во наредните денови и недели, ќе видите колку е компактна АА. Поединци кои сметале дека функцијата е над принципите и достоинството, можеби ќе останат и ќе ги задржат своите позиции, но верувајте дека функцијата и фотелјата никогаш не можат да бидат над принципите и донесувањето одлуки со консензус во рамките на еден субјект каде сте одлучиле да дејствувате, изјави Блеранд Рамадани, генерален секретар на АА.

Од друга страна, вицепремиерот Изет Меџити рече дека позициите што ѝ припаѓале на ВРЕДИ, без разлика дали биле дел од АА, ќе останат во нивни раце. Тој ги повикува структурите на AА да останат во власта и да се приклучат на партијата ВРЕДИ.

-Јас мислам дека и во минатото и сега сметаме дека АА останува посветена таква каква што беше како дел од ВРЕДИ, како дел од промените. Има удел, има придонес во победата на ВРЕДИ и политичката ротација што се случи. Овде отстапи нивниот лидер, кого можам да го разберам доколку има долг кон Ахмети. Но не треба сите други да застранат поради него од патот, вели Изет Меџити, прв вицепремиер/Вреди.

Од друга страна, Биљал Касами вели дека непожелни во ВРЕДИ ќе бидат само оние кои соработуваат со ДУИ и Али Ахмети.

-Оваа игра не ја започнавме ние! Али Ахмети не требаше да влегува во такви игри за да привлече пратеници и одредени индивидуи бидејќи механизмите за да добие, би рекол, пратеници станувајќи дел од владата се многу големи, но нашиот фокус не беше на тоа, изјави Биљал Касами, претседател на Беса/Вреди.

Освен Рамадани, до сега оставка поднесоа Арбен Таравари, Фљакрон Беџети и Елфете Исмаили но има и други функционери кои се уште се на своите функции, а го поддржуваат Таравари. Некои од нив се Гарип Каба, заменик директорот на Царина, Назим Таипи заменик директор на ЈП Државни патишта, и други.