Ќе растат ли цените на храната од утре?! Маркетите велат ќе зависи од ценовниците на добавувачите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од утре веќе не важат ограничените маржи и замрзнатите цени за над 1.000 основни прехранбени производи. Дали граѓаните ги очекува нов ценовен шок или ја трговците ја научија лекцијата од Влада ќе се види деновиве кога ќе се лепат новите цени во маркетите.

Од големите ланци на маркети не коментираат јавно. Во неформален разговор велат дека се ќе зависи од тоа какви ценовници ќе достават добавувачите, бидејќи кај маркетите не биле големи маржите. Сепак оние маржи кои беа ограничени кај некои луксузни производи, велат ќе ги вратат во нормала.

Од Сојузот на стопански комори не очекуваат значаен раст на цените, но велат се зависи од калкулациите на секоја компанија.

-Секоја компанија ќе си направи сопствени интерни анализи, ќе го преразгледа своето интерно работење, нели ќе си ги увиди трошоците и врз основа на тоа потребно е да си утврди соодветни цени. Сметам дека нема да има некој соодветен значаен раст на цените, односно дека ќе има некоја приближна стабилизација, но не сум сигурен повторно да кажам и да тврдам за секој индивидуален правен субјект кој што работи, изјави Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК.

Иако берзанските цени се стабилизираа на повисоко ниво отколку во периодот кога беа донесени владините мерки, како главни ризици за нов пораст на цените се посочуваат недостигот на работна сила и растот на платите.

-Имате и друг сериозен фактор кој се нарекува човечките ресурси.. кој што последните години радикално се сменија некои работи во однос на тој недостаток, така да тука е моментумот кој што најмногу влијае, потенцијално би влијаел значи во подигнувањето на цените финалните цени на производите, изјави Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК.

Од владата очекуваат дека трговците ја научија лекцијата. Велат ако цените од утре растат, ќе има нови мерки.

-Ако има потреба би продолжиле со мерка, ако нема потреба тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените. Се надевам дека поучени од минатото, сите оние учесници во ланецот на трговија, се надевам ја научија лекцијата дека пред се треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија.

Владата во февруари донесе две мерки во обид да ги заузда цените на храната. Со едната се ограничија маржите од 5 до 15 отсто за 102 групи на производи, а со другата се замрзнаа цените за 8 групи на продукти. Мерките беа со цел да се заштитат граѓаните од ценовни шокови за Рамазанските и Велигденските празници.