Со симболично фрлање неколку лопати цемент беше поставен камен-темелник на помошниот стадион во Арачиново. На него е предвидено да тренира Фудбалскиот клуб „Шкендија“, а проектот опфаќа и објект со соблекувални.
На 10 хектари урбанизирано државно земјиште што Општина Арачиново го ставила на располагање за спортските потреби на жителите, со друг проект е предвиден спортски центар со терени за кошарка и ракомет, како и главен стадион со трибини кој ќе ги исполнува стандардите на УЕФА.
„За помошниот стадион средствата ги обезбедивме од страна на општината, но од Министерството за спорт очекуваме поддршка за изградба на трибините. Ние како општина ги обезбедивме средствата за изградба на теренот и соблекувалните. Приближно за 2-3 месеци, ако работите се одвиваат како што треба, зависно и од временските услови, стадионот ќе ни биде на располагање и нашиот клуб ќе може да ги одржува тренинзите тука“, изјави Даут Беќири, градоначалникот на Општина Арачиново.
„Започнуваат работите за изградба на помошниот стадион. Ние како Министерство за спорт ќе бидеме покрај градоначалникот, покрај спортистите од Арачиново, ќе дадеме поддршка и наш придонес за овој стадион што побрзо да биде ставен во функција и да им служи на спортистите“, изјави заменик-министерка за спорт, Сафие Садику-Шахини.
Тренерот на клубот се надева дека пролетните тренинзи ќе ги одржуваат на новиот стадион. Тој апелираше до надлежните да обезбедат средства и за изградба на главниот стадион, каде што би се играле домашните натпревари.
„Во моментов тренинзите ги одржуваме на стадионот во Маџари, на „Борис Трајковски“. Иако таму условите се добри, сепак е поинаку кога имаш свој стадион, кога имаш база каде што можеш многу подобро да се организираш од тоа што сме во моментов. Се надеваме дека и условите за главниот стадион ќе бидат обезбедени што е можно поскоро и „Шкендија“ од Арачиново да ги игра домашните натпревари тука“, истакна Берат Имери, тренер на ФК „Шкендија“ од Арачиново.
Проектот ќе чини 34,5 милиони денари, односно околу 560.000 евра.
Фудбалскиот клуб „Шкендија“ е основан пред 50 години, а оваа сезона се натпреварува во Првата македонска фудбалска лига.
