Ќе се изготвува нов изборен закон – партиите со различни ставови околу изборните единици

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се изготвува нов Изборен законик, информираше министерот за правда, Никола Тупанчевски, објаснувајќи дека во текот на неделава ќе биде испратено писмо до сите засегнати страни, преку кое ќе бидат поканети сите политички партии да учествуваат во работната група која ќе го изготвува новиот Изборен законик.

Од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ21 велат дека нема да излегуваат со став додека официјално не го добијат писмото. СДСМ, пак,  порачува дека се „за“ една изборна единица, но сепак повторија дека на крајот промените на Изборниот законик се носат со широк политички консензус.

„СДСМ го поддржува воведувањето на една изборна единица. СДСМ е првата партија која заложбата за воведување една изборна единица ја поддржа, јавно и програмски. Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициски партнери“, велат од СДСМ.

Со непроменет став ќе настапи и ДУИ, вели Арбр Адеми, координатор на пратеничка група на партијата.

„Ова е нов, стар став, како и да го наречеме бидејќи сегашната законска рамка осудува таков модел, затоа не можеме да се водиме од потребите или желбите на разни политички партии кои зависно од околностите ги менуваат и ставовите. Нашиот став е конзистентен, непроменет до ден денес. Каков модел и да сакаме да воведеме, ќе биде потребен меѓупартиски консензус“, посочи Арбр Адеми.

И Халил Снопче од Алијанса за Албанците, уверува дека во работната група ќе учествуваат со непроменети ставови.

„Ние ќе ги дадеме нашите мислења во врска со нашиот предлог кој е заснован научно за 8 изборни единици, во врска со отворени листи, дури и за промена на изборниот модел. Главното прашање во овој случај е да се отвори расправа и да учествуваме во таа расправа. Како што кажав и претходно, тоа е главен документ на парламентарната демократија и нема никаква причина да не учествуваме. Независно од игрите на Владата, ние повторно ќе одиме и ќе ги доставиме нашите мислења“, посочи Халил Снопче.

Министерот Тупанчевски, истакна на Изборниот законик ќе треба да стапи на сила најмалку 6 месеци пред изборите, бидејќи, како што додаде, правилата на играта треба да се знаат однапред.