Следните шест месеци можеби ќе немате обврска да плаќате кредит, но дел банките ќе ви пресметаат камата и за тој период. Ова значи дека дел од банките нема да се откажат од својот профит, а каматата за периодот за кој ќе биде одложено плаќањето на ратите, ќе биде линеарно распоредена во месеците кога граѓаните повторно ќе почнат да ги плаќаат кредитите.
ПОТРОШУВАЧКИ КРЕДИТ
ВИСИНА: 600.000 денари
РОК НА ОТПЛАТА: 60 МЕСЕЦИ
КАМАТНА СТАПКА: 6,71%
МЕСЕЧНА РАТА СО КАМАТА: 11.798 ден.
МЕСЕЧНА РАТА БЕЗ КАМАТА: 10.000 ден.
КАМАТА МЕСЕЧНО: 1.798 ден.
За цело времетраење на грејс периодот, Банката ќе пресметува камата по каматна стапка предвидена во Договорот за кредит. По истек на предвидениот грејс период од 6 (шест) месеци, каматата пресметана во грејс периодот ќе се капитализира (додаде) на кредитното салдо на кредитот и рамномерно ќе се распореди за наплата во ануитетите согласно новиот амортизационен план. Банката нема да пресметува камата на капитализираната камата.
Засега ова е случај само кај една од 15-те банки кои пак се членки на Македонската банкарска асоцијација.
„Би сакале да нагласиме дека сите овие мерки, кои вклучуваат одложување на отплатите на кредитите, се наменети за оние физички лица и компании кои навистина се во неможност во овој период да продолжат со измирување на своите обврски спрема банките и штедилниците и други доверители заради престанок со работа на компаниите, губење на работни места, намалување на плати“, велат од Македонската банкарска асоцијација.
Од Народна банка велат дека тие ги усвоиле препораките за банките за овозможување на шест месечен грејс период за корисници на кредити, кредитни картички и дозволи за пречекорување. Но, условите и понудите на крајот ќе ги носи самата банка.
