За барањето на партиите на Албанците во Македонија за измени на Уставот со укинување на квотата од 20 проценти на етничките заедници се изјасни и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да разговара за ова барање но исто така смета дека треба да се размислува и за укинување на Бадентер и балансерот. Македонија ја замислувам како држава во која што ќе се напредува според компетенции според квалитет и според знаење а не затоа што се дел од некаков процент, истакна Мицкоски.
„Подготвен сум да разговарам за се. Подготвен сум да разговарам и за бришење на процентите, подготвен сум да разговарам и очекувам поддршка и од останатите политички партии за една изборна единица, подготвен сум да разговарам за бришење на Бадентерот, бришење на балансерот бидејќи гледам дека одредени политички субјекти сакаат постепено да го напуштат Охридскиот рамковен договор тогаш ајде заеднички да создадеме општество кое што ќе го проектираме од денеска па во следните 50 години“, истакна Христијан Мицкоски.
Деновиве лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека е прашање на време кога ќе се отвори Уставот за да се отстрани квотата од 20 проценти. И првиот човек на Алијанса за Албанците Зијадин Села појасни дека бараат албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик и така да биде заведен во Уставот. Од оваа партија денеска повторно потсетија на нивното барање.
„Албанскиот јазик е албански јазик и како таков треба да стои и во Уставот. Ова е наша најважна заложба моментално“, велат од Алијанса за Албанците.
Вчера и премиерот Ковачевски повтори дека доколку се започне процес на уставните измени очекува да се најде решение кое ќе биде во корист на сите граѓани во државата. Сепак повтори дека за ова треба национален консензус и дека е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
„Ние како држава веќе имаме веројатно во Европа закони и уредување, па и уставно уредување со кое што на највисок пиедестал се издигнати правата на помалите заедници со оглед на тоа дека голем дел се вклучени во самиот Устав а исто така имаме и Министерство кое што е задолжено за политички систем за правата на помалите заедници. Легитимно е да се почне процес на уставни измени кој што е пропишан, во кој што учествуваат политички партии, меѓутоа и експерти дека ќе се изнајде решение кое што ќе биде на бенефит на сите граѓани на државата“, додава Димитар Ковачевски.
Квотата од 20 проценти е воведена со Охридскиот рамковен договор на барањето на партиите на Албанците.
