Уште само неколку дена до стапување во сила на новите мерки за угостителската дејност.
„Невакцинираните имаат уште пет дена на располагање за да уживаат во пиењето кафе, бидејќи од 16 август нема да смеат да влегуваат во кафулињата каде има над 30 лица“, вели репортерката на ТВ21.
Дел од граѓаните се на став дека мерките се соодветни, бидејќи на прво место мора да биде здравјето, но има и такви кои се против, но ќе се вакцинираат само за да можат на раат да пијат кафе.
Граѓанин: „Да, воопшто нема да влегувам. Јас реков нема да се вакцинирам и на тоа ќе останам докрај!“
ТВ21: Но, дали ќе ви недостасуваат кафулињата?
Граѓанин: „Секако, но не мора тоа да биде во град. Ќе седам на село и таму ќе пијам кафе. Кај нас не е задолжително, и надвор ќе пијам“.
Останува нејасно за угостителите како ќе се спроведуваат мерките во пракса. Тие сѐ уште немаат конкретни насоки како ќе постапуваат со невакцинираните гости. Но, се жалат дека треба да вработат дополнителен кадар кои ќе бидат во улога на редари и кои ќе контролираат дали сите луѓе кои влегуваа поседуваат сертификат за имунизација.
Од Независната угостителска комора велат дека келнерот или било кој друг не смее на гостите да им ги бара нивните лични документи. Владата треба да донесе нови законски и подзаконски акти со кои ќе се дефинира работното место на лицето кое треба да има право да ги контролира граѓаните. Дотогаш ова не може да се спроведува, вели првиот човек на комората, Здравко Јосифовски.
Поради горенаведените причини, од НУК бараат Владата да свика итна седница каде ќе биде донесена одлука за укинување на новите мерки, инаку во спротивно, како што најавуваат, сите сопственици ќе ги затворат нивните кафулиња и ресторани.