Керим објаснува каде најмногу патуваат македонските граѓани: 80% од нив сами си букираат!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонските граѓани сè повеќе патуваат самостојно, без помош на туристички агенции. Според Аркан Kерим, претседател на туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори, дури 80% од патувањата се индивидуално организирани, што значи дека граѓаните сами си ги букираат авионските билети, хотелите и целиот аранжман преку интернет.

„Македонците денес се многу поорганизирани и информирани. Луѓето сами си го прават планот – купуваат билети онлајн, резервираат сместување и го организираат своето патување до најситен детаљ,“ објаснува Керим.

Тој посочува дека најголем дел од македонските туристи патуваат во европските метрополи, особено откако започна зимскиот авионски распоред кој донесе над 560 илјади нови седишта за летови низ Европа.

„Имаме околу 30 дестинации покриени од Скопје. Луѓето прават викенд во Шведска, следниот во Италија, потоа во Франција или сега, со новата линија – директно во Мадрид. Тоа покажува дека патувањето стана достапно и динамично,“ истакна Керим.

Што се однесува до поевтините и популарни летни дестинации, Керим вели дека Египет е најбараната земја меѓу македонските туристи, главно поради пристапните цени и понудите на туристичките оператори.

„Египет останува омилена и економична дестинација. Цените се поволни, а понудата се проширува секоја сезона,“ додава тој.

Керим заклучува дека новите авионски линии, пристапните интернет алатки и зголемениот интерес за самостојно патување го менуваат профилот на македонскиот турист – сè повеќе луѓе сакаат флексибилност, авантура и искуство по сопствен избор.