Керим за системот ЕТИАС и плаќањето 20 евра за во ЕУ: Од старт ќе биде проблем, тоа е удар за туристите, сами ќе си поднесуваат!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Аркан Керим, во гостување во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, предупреди дека воведувањето на новиот европски систем ЕТИАС и обврската за плаќање 20 евра по лице за влез во Европската Унија ќе биде сериозен финансиски и административен удар за македонските туристи.

„Самиот почеток ќе биде проблематичен. Секој патник ќе мора сам да поднесе онлајн апликација, а не преку туристичките агенции или авиокомпаниите. За четиричлено семејство тоа значи 80 евра само за регистрација, уште пред воопшто да започне одморот. Тоа е дополнителен трошок што многумина нема да можат лесно да го поднесат,“ рече Керим.

Според него, системот ЕТИАС предвидува електронска регистрација која ќе важи три години, но со обврска однапред да се наведат датумот и дестинацијата на патувањето.

„Тоа ќе создаде дополнителни компликации за туристите кои патуваат преку агенции или имаат повеќе дестинации. Ако не се направи прецизна координација, може да настанат големи забуни и одбивања на влез во ЕУ,“ предупреди тој.

Керим истакна дека ваквото плаќање е непропорционално високо за земји како Македонија, каде просечните приходи се значително пониски од европските стандарди.

„Овие 20 евра може не изгледаат многу во Брисел, но за многу македонски семејства тоа е реален товар. Станува збор за сума колку што чини хотелско сместување за една ноќ во Грција,“ објасни Керим.

Тој потврди дека туристичките комори во регионот, преку здружението на европски туроператори, веќе поднесуваат барање до Европскиот парламент за преиспитување на системот или барем за симболично намалување на таксата.

„Ние не бараме привилегии, туку фер пристап. Ако ЕУ сака да ја олесни патната комуникација, оваа такса не треба да биде пречка за туристите од Западен Балкан. Се надевам дека ќе се најде решение пред летната сезона,“ порача Керим.

ЕТИАС (European Travel Information and Authorisation System) е нов систем на Европската Унија кој ќе се применува од следната година и ќе биде задолжителен за сите граѓани од земјите кои патуваат без виза во Шенген-зоната. Апликацијата ќе се поднесува онлајн, а одобрувањето ќе важи три години.