Ова е шаторот каде се третираат пациентите заразени со Ковид-19 во Кичево, поставен во дворот на болницата. Беше предвидено на почетокот на септември Кичево да добие Ковид-центар. Ова, во август го вети директорот на болницата, Станко Трпески.
Но, иако поминаа речиси два месеца, работите тапкаат во место. Кичевската болница и понатаму функционира без Ковид-центар, иако во последно време постојано расте бројот на заразени. Директорот Трпески, не сакаше да се произнесе по ова прашање, туку нѐ упати кај министерот за здравство. Пред неколку дена Венко Филипче, рече дека до крајот на годинава ќе заврши изградбата на 16 дополнителни болнички капацитети во неколку градови.
Во Кичево пациентите со Ковид се третираат во Здравствениот дом, оние со потешка клиничка слика се препраќаат во скопските клиники, а пациентите со полесни симптоми се третираат во домашни услови. Директорот на Здравствениот дом во Кичево, Џабир Бајрами, вели дека тешко се справуваат со коронавирусот.
„Ние сме единствениот Здравствен дом на ниво на државата кој третира пациенти позитивни на Ковид-19, бидејќи тие се оставени на милост и немилост. До пред некое време имавме разбирање и соработка со Болницата во Битола, со Болницата „8 Септември“ и другите болници каде имаше слободни места, но сега и таму се исполнија капацитетите. И тие не се виновни, немаат место ниту за нивните пациенти. Не се виновни, но за нашите пациенти нема место. Ние сега треба да го молиме министерот, заменикот-министер или пак сите политички структури за да испратиме еден пациент во „8 Септември“ или пак во друга болница“, посочи Џабир Бајрами.
Во Кичево бројот на заразени од почетокот на пандемијата достигна до 487. Има 124 активни случаи, а битката со Ковид-19 ја изгубија 17 пациенти. ТВ21 дознава дека има пациенти кои починале дома или по пат накај болница.