КИЧЕВО: Објектот на „Комуналец“ како во среден век! „Приоритет ми се граѓаните“, вели градоначалникот Дехари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овие се канцелариите каде работи администрацијата на ЈКП „Комуналец“ Кичево. Стари, несредени бараки, со дрвени врати и прозори.

На прв поглед не изгледаат како канцеларии каде работи администрацијата, туку како објекти кои одамна се вон употреба.

„Ова зад мене се канцелариите каде работат вработените на ЈКП „Комуналец“ Кичево. Канцелариите немаат никакви услови за вршење на дневните задачи кои ги имаат вработените. Претпријатието има околу 250 вработени“, јавува нашата дописничка од Кичево, Салије Садику.

Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, вели дека за него приоритет имаат потребите на граѓаните, водоводот, канализацијата, патиштата, а комуналните објекти ќе бидат приоритет следната година.

„И кај ЈКП „Комуналец“, дозволете да истакнам дека од состојба која ја нареков „на смртна постела“ и денеска после 7 години, претпријатие која е присутна со сите свои дејности, во секое ќоше на градот и нашите населени места, освен таму каде нема заинтересираност од граѓаните за да менаџира претпријатието, доста успешно успеа да ја реализира својата работа, надвор од тоа што објектот или канцелариите на општинската администрација ги исполнуваат или не условите за поспокојно да ги вршат нивните задачи“, изјави Фатмир Дехари – градоначалник на Кичево.

Како што ни рекоа од ова претпријатие, во објектот не е инвестирано поради тоа што претпријатието требаше да премине во општинскиот објект, а општината ќе се префрли во друг објект. ЈКП „Комуналец“ Кичево својата дејност ја врши во Кичево и во неколкуте од кичевските села.