Во Кичево од вкупно 30 пријавени млади лица, само 12 досега ја примија првата доза на вакцината „Фајзер“, чие аплицирање започна во понеделникот.
– Од нашата општина за да се вакцинираат со „Фајзер“ се пријавија вкупно 30 лица на возраст од 12 до 17 години, сепак во закажаниот термин се одзваа само 12 млади лица, а за преостанатите 18 пријавени не ги знаеме причините зошто не се одзваа да ја примат првата вакцина, вели Милица Ѓореска главна сестра од Здравствениот дом.
Покрај младите, во тек е теренска вакцинација во сите села во Општина Кичево. Според Ѓореска, досега во оваа општина се имаат вакцинирано над 600 лица во руралните средини.
– Од почетокот на теренската вакцинација на 12 јули, до денеска во нашата општина се вакцинирани 600 лица, кои ја примија првата доза на вакцината „Синовак“ или постари од 60 години вакцината на „ Астра Зенека“. Денес нашата екипа престојуваше во четири села во општината и беа вакцинирани жителите на Грешница, Бачиште, Лешница и Речани. За понеделник планирана е вакцинација на жителите од селата Колибари, Трапчин Дол и Длапкин Дол. До 3 август до кога ќе ја спроведеме теренската вакцинација, очекуваме да ги вакцинираме поголемиот дел од жителите во руралните средини, додаде Ѓореска.
Паралелно со теренската вакцинација се врши и вакцинација на жителите од Кичево и секојдневно во градот се вакцинираат или ревакцинираат од 150 до 200 граѓани.
Во Здраствениот дом вакцинацијата ја спроведуваат две екипи.
