Фатмир Дехари од НАИ и Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ се двајцата кандидати кои одат во вториот круг на локалните избори за градоначалник на Општина Кичево.
Во трката беа вкупно четири кандидати.
Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ 11.786 гласови,
Фатмир Дехари 5.586,
Фатмир Лимани 4.164,
Шкодран Аљили, независен кандидат 3.902 гласа.
По објавувањето на резултатите, кандидатот на НАИ, Фатмир Дехари, им се обрати на граѓаните:
„Ви благодарам на сите од срце, и на вас што сте овде, и на сите Албанци што денес ѝ дадоа смисла на Кичево – денес победија Албанците, никој од нас не изгуби.“, истакна Дехари.
Од друга страна, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, преку статус на социјалните мрежи им се заблагодари на граѓаните за поддршката:
„Победа во првиот круг со над 6.000 гласови предност! Кичево со ова докажува дека сака промени за подобра иднина! Ви се заблагодарувам на сите за беспрекорната поддршка и одличниот резултат! Со вашата поддршка, ќе победиме убедливо и во вториот круг!“, рече Јовановски.
Кандидатот на коалицијата ВЛЕН, Фатмир Лимани, не се изјасни конкретно за кого ќе ги насочи своите гласачи, повикувајќи тие да го поддржат „најдоброто решение“.
„Поради сите овие причини, тешко е да повикам да се гласа за некого конкретно, имајќи ги предвид сите случувања во последниот период. Јас ќе упатам повик да се гласа за најдоброто.“, вели Лимани.
Новиот состав на Советот на општина Кичево ќе брои 8 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 5 советници од НАИ, 3 од Влен, 2-ца советници од листата на Шкодран Аљили и еден советник од СДСМ.