Кичево со најзагаден воздух во земјава! Дали загадувачот е РЕК Осломеј? ЕЛЕМ негира: Термоелектраната има филтри

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Кичево е еден од градовите кој дише најзагаден воздух во последниве недели, покажуваат статистиките од мерењата на Министерството за животна средина.

Во изминативе недели ПМ10 честичките во воздухот достигнаа до 300 милиграми на метар кубен, што е за многупати повеќе од дозволеното (50мг/м3). ПМ10 и ПМ2.5 честичките се сметаат за многу штетни за човечкиот организам. Ги напаѓаат дишните патишта, објаснува лекарот Генц Селмани.

-ПМ10 и ПМ2,5 честичките се едни од најголемите напаѓачи на нашето здравје, главно ги напаѓаат дишните патишта, а групата која е најизложена се децата, хронично болните, особено лицата со кардиоваскуларни заболувања, респираторни заболувања, како и бремените жени. За жал, последните студии покажуваат дека овие честички се штетни и за фетусот (плодот) во развој-рече Селмани.

Во текот на неделава, кога во Кичево падна и снежна покривка, граѓаните до редакцијата на ТВ21 испратија видео снимки на кои можеше да се види снег покриен со сив прав, кој според жителите се испушта од Термоелектраната Осломеј.

И лекарот Селмани смета дека РЕК Оломеј е најголемиот загадувач на воздух во Кичево.

-Јавна тајна е тоа што сите знаеме дека цела Термоцентрала Осломеј, има денови, недели испушта црн чад и прави страшна магла и е многу неетички и неграѓански да се кажува дека има филтер-вели Селмани.

Но, од ЕЛЕМ ја негираат оваа информација велејќи дека Електраната Осломеј работи со електростатски филтри.

-Електраната е опремена со електростатски филтри. Истите се изградени и работат согласно стандардите кои се применувале во периодот кога се градени. Во моментов во Осломеј тече процес на енергетска трансформација, односно замена на производството на електрична енергија од јаглен со енергија од сонце-велат од ЕЛЕМ.

По Кичево, со најзагаден воздух следат Скопје, Тетово, Куманово итн. Овој проблем со години ги следи овие градови, а до сега за него не е изнајдено решение.