Кичевски улици се чистат и посипуваат со абразивен материјал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Снегот кој со променлив интензитет во кичевско врне повеќе од 40 часа, придонесе сообраќајот во Општината да се одвива отежнато и во зимски услови, а повеќе села да останат и без електрично напојување. За да се нормализира протекот на сообраќајот во градот и околината, кичевски „Комуналец“ континуирано ги чисти улиците, како во текот на денот исто така и во ноќните саати.

Покрај редовното отстранување на снегот од сообраќајниците, на повеќе делови се нанесува и абразивен материјал.

– Од вчера изутрина наши екипи се континуирано на терен. Во градот и неговата поширока околина ни стојат на располагање шест градежни машини, со кои го чистиме снегот од сите сообраќајници во поширокото градско подрачје. Покрај во градот, по барање на свештенството, со една градежна машина интервениравме и на расчистување на патот до манастирот „Света Пречиста Богородица“ кој по нашата интервенција е прооден и оспособен за сообраќај, истакна директорот на комуналното претпријатие Зенел Јонузи.

Посочи дека од денеска коловозите се посипуваат со абразивен материјал со цел да се намали пролизгувањето на превозните средства и побезбедно движење на возилата.

– Ако во текот на вчерашниот ден вршевме само отстранување на снегот од сообраќајниците, денеска на повеќе локации фрламе абразивен материјал за да не дојде до пролизгување на превозните средства. Овие абразивни материјали ќе ги употребуваме и понатаму, бидејќи ако се спуштат температурите под нула, ќе дојде до замрзнување на коловозите, што може да предизвика повеќе сообраќајни незгоди и излетувања од коловозите, додаде Јонузи.

Појасни дека екипи на комуналното претпријатите ја следат состојбата на патиштата, а машините ќе бидат во приправна состојба во секое време и кога ќе биде потребно ќе се интервенира.