Летото е период кога Кичево заживува, тогаш доаѓаат печалбарите во родното место и се организираат свадби и семејни прослави. Но пандемијата ги одложи истите. Печалбарите кои живеат и работат во Америка ги откажаа свадбите, а тие од Швајцарија, Италија, Германија и Америка чекаат одлука од Владата на РСМ. Сопствениците на рестораните велат дека доколку не се одржуваат свадби, Кичево ќе претрпи голема економска загуба. Одговорното лице на еден ресторан вели дека ги исполнуваат условите за одржување свадби дури и на дистанца.
„Ние како сала за свадби “Шќипоња“ имаме откажано околу 50% од свадбите, а 50% останува и се чека од Министерство, Владата за заштитни мерки. Условите на ресторанот Шќипоња се поволни за одржување свадби придржувајќи се до владиниот протокол“, вели Фестим Ахмети – менаџер.
Оваа ситуација ги погоди и пејачите. Уран Дервиши вели дека тие зависат од свадбите и печалбарите бидејќи тие фамилијарно се занимаваат со оваа работа.
„Што се однесува до сезоната и летните свадби, голем број од 80 – 90% од свадбите се откажани. Во разговори со колегите мои, тие кажуваат дека и ним им откажале свадби. И во рестораните разговарав и од таму велат дека има откажано свадби. Штетата е голема бидејќи свадбите се мост меѓу пејачите, рестораните, снимателите, декорациите, фризерите. Цела низа бизниси ќе претрпат штета“, вели Дервиши,
Економскиот експерт Висар Адеми смета дека Кичево ќе претрпи голема штета доколку не се одржуваат свадби и доколку печалбарите не дојдат во родното место. Тој вели дека Кичево од тоа ќе претрпи штета од околу 72 милиони евра.
„Во Кичево има некаде околу 9 ресторани за свадби и 12 сали, ако бидат тие резервирани за две недели по ред тоа е некаде околу 72 милиони евра, толку ќе биде загубата од недоаѓањето на печалбарите. Ова е математиката доколку еден ресторан е резервиран и има исполнет капацитет за еден ден, но ние знаеме дека овие сали за свадби имаат и по две, три резервации дневно“, Висар Адеми – експерт по економија.
Адеми вели дека во недостиг на инвестиции за изградба на нови куќи, Кичево ќе изгуби дополнителни 72 милиони евра,, што е некаде околу 150 милиони евра заедно со свадбите во кои инвестира дијаспората.