Киднапиран Даниел Кајмакоски во Белград – бил побаран поткуп од 20.000 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Познатиот македонски пејач Даниел Кајмакоски наводно бил инволвиран во сериозен инцидент во Белград, по настап во реонот на Бетон Хала. Дел од српските медиуми утринава објавија дека тој бил кратко лишен од слобода, врзан и му било одземено возилото, по што наводно бил побаран поткуп од 20.000 евра. Овие информации засега не се официјално потврдени.

Според медиумските извори, инцидентот се случил во доцните ноќни часови кога пејачот се упатил кон својот автомобил. Се тврди дека две непознати лица со закана и физичка сила го принудиле да влезе во возило. Дел од написите шпекулираат и за употреба на ладно оружје.

Српскиот портал „Мондо“ објави снимка преземена од Инстаграм-каналот 192.рс, тврдејќи дека станува збор за видео од настанот, но и овие наводи не се потврдени од надлежните институции.

Според објавите, следела полициска потера откако осомничените не застанале на знак од сообраќајна патрола и се упатиле кон автопатот во правец на Шид. Нема официјална потврда за деталите од наводната потера.

Неофицијално, Кајмакоски е пуштен на слобода и неговиот живот не е во опасност. Српското Министерство за внатрешни работи досега нема објавено соопштение, а пејачот јавно не се огласи по повод на настанот.

Информациите за случајот остануваат во доменот на медиумски тврдења и шпекулации.