Повеќе детали за епидемијата со загадената вода во Гостивар ќе бидат познати до 20 август, кога Министерството за здравство ќе ја објави анализата, најави министерот Сашо Клековски.
„Излегуваме од акутната фаза и веќе влегуваме во нормален период. Бројот на новопријавени пациенти последните денови се движи меѓу 40 и 80, што е во рамки на вообичаените августовски бројки“, изјави Клековски во емисијата „Вести плус“ на Канал 5.
Тој нагласи дека епидемијата нема официјално да заврши сѐ додека не се исклучи можноста новите случаи да се поврзани со водата за пиење, додавајќи дека експертскиот тим работи на детална анализа.
„Хронологијата ќе ја споделиме и со Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за управување со кризи, а потоа ќе ја објавиме“, рече Клековски.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, министерот порача дека е подготвен да даде исказ пред Јавното обвинителство доколку, како што рече, „се дефинира кое кривично дело сум го сторил“.
