„Кликни безбедно“ – средношколци со проекти за побезбеден интернет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство го отвори младинскиот хакатон „Кликни безбедно“ кој е нов проект за побезбеден интернет. Со овој проект се опфатени ученици од средно образование со различни вештини во дигиталниот свет како програмери, дизајнери, иноватори, а ќе работат на проекти за подобрување на животот на младите на интернет.

„За прв пат организиран хакатон на средношколци и млади луѓе кои што ќе се натпреваруваат во проекти кои што се однесуваат на решавање на проблемите на младите, на граѓаните и потекнуваат повторно од младите и граѓаните. Овој пат темата е „Кликни безбедно“ што значи дека ќе развиваат продукти, ќе тестираат, ќе иновираат во поглед на апликации кои што ќе значат заштита на младите и побезбеден интернет на младите или побезбедно сурфање“, вели министерот Стефан Андоновски.

Професорот на ФИНКИ Иван Чорбев вели дека проектот е за создавање на првиот центар за побезбеден интернет за употреба на информатичките технологии.

„Се најдовме во овој конзорциум да создадеме корисни едукативни материјали за средношколците, за децата, за младите, за основците, да ги обучиме наставниците да го пренесат знаењето за побезбеден интернет на помладите.“, рече Чорбев.

Покрај за младите, се планира Владата да поддржи и хакатони и мобилни апликации кои што ќе потекнуваат од граѓанскиот сектор но и од високообразовните институции.