Кочовски: ЕТИАС дозволата за ЕУ ќе трае 3 години, сите патуваат и ќе знаат дали имаат слободен влез, нема да има никаков проблем

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, Зоран Кочовски, сопственик на туристичката компанија „Коузон“, изјави дека новиот систем ЕТИАС нема да создаде големи пречки за македонските патници и дека дозволата што ќе биде воведена за патување во Европската Унија ќе важи три години.

„Самиот систем нема да бара апликацијата да се поднесува 30 дена пред патувањето. Напротив – дозволата ќе трае три години, што значи дека ако некој планира патување во септември, може да аплицира уште во март. Сметам дека нема да има никаков проблем,“ рече Кочовски.

Тој објасни дека граѓаните кои веќе патуваат во земјите од Европската Унија, како што се Грција или Хрватска, ќе знаат однапред дали имаат слободен влез или евентуални ограничувања.

„Тој милион патници кои секоја година излегуваат најмалку еднаш од земјава, веќе имаат искуство со граничните премини и со системите на контрола. Затоа не очекувам застои или хаос,“ додаде тој.

Кочовски истакна дека, наместо стравови и забуни околу новиот систем, вниманието треба да се насочи кон политичките преговори со ЕУ и можноста Македонија да добие поовластен влез во европските земји.

„Имаме ветувања дека ќе започнеме формални преговори со Европската Унија. Можеби тогаш ќе ни овозможат полесен пристап, слично како што имаат држави како Норвешка, Швајцарија или Кипар, кои не се дел од Шенген-зоната, но патуваат слободно,“ изјави Кочовски.

Тој порача дека ова треба да биде и апел до македонските политичари да се заложат повеќе за интересите на граѓаните.

„Ние сме целосно опкружени со Европската Унија. Срамота е да бидеме ставени во групата на држави од третиот свет кои во ЕУ влегуваат само по воздушен пат. Нашите граѓани треба да имаат достоинствен и олеснет пристап. Тоа го заслужуваме,“ нагласи Кочовски.