Еден ден откако одлучија да ги деблокираат улиците, претставниците на приватните превозници утрово доставија ново барање во Влада за средба со премиерот Димитар Ковачевски. Кемал Муриќ, вели дека се надеваат премиерот да работи за доброто на граѓаните.
Од Владата порачуваат дека повлекувањето на автобусите е правилен потег, но немаат конкретен одговор кога би се организирала средбата меѓу премиерот и превозниците.
„Во наредниот период ќе се разгледуваат сите аспекти на ситуацијата со која се соочуваат приватните превозници и градот, а следниот чекор е првичен, иницијален состанок на кој отворено би се разговарало за можните решенија. Отворениот дијалогот е единствениот начин на кој се доаѓа до одржливи и долгорочни, системски решенија и Владата целосно го поддржува тој пристап“, велат од Влада.
Одлуката за повлекување на автобусите од скопските улици, превозниците ја донесоа вчера, откако премиерот рече дека ќе седне на маса со нив само доколку ги отстранат блокадите. Освен тоа, Ковачевски побара на средбата да бидат присутни и надлежните органи од Град Скопје, бидејќи како што рече, мора да се види и со нив со оглед на тоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје. Меѓу другото како што објасни Ковачевски, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот.
