-Кога ќе решат да ги направат следните чекори и да ни испорачаат почеток на преговори за Северна Македонија, бидејќи ние тоа го заслужуваме, можат да ни се јават. Шеснаесетипол години чекање со сè низ што поминуваме е премногу траума, а имаме 12 позитивни препораки од Европската комисија-рече Заев.
Иако премиерот Зоран Заев го посакува тој повик многу порано, сепак веројатно нема да се случи кога тој очекува или кога очекуваат македонските граѓани. Се зависи од Бугарија и нивното вето.
„Пораката од мене би била дека сакаме да го видиме отворањето на преговорите што е можно поскоро. Истовреме ги охрабруваме и потикнуваме билатералните преговорите помеѓу Северна Македонија и Бугарија и да ги решат заостанатите спорови меѓусебе.“, рече Гир.
Членството во ЕУ нема алтернатива вели Заев, а евроамбасадорот вели дека местото на Западен Балкан е во ЕУ. Северна Македонија, но и останатите земји се стратешки на високо ниво на агендата на Унијата. Гир вели тоа го докажуваат пораките на европските лидери.
-Ако се сеќавате, ЕУ на највисоко ниво порача дека Северна Македонија мора да биде дел од Европската унија и тоа и натаму останува стратешка цел на највисоко ниво. Доколку ги следевете одблиску дискусиите во изминатите неколку месеци таа порака постојано се истакнува јасно и гласно од страна на европските лидери-рече Гир.
Но, тие пораки не успеаја да ги предомислат нашите источни соседи. Во Бугарија по втор пат за кус период се одржаа избори. Претседателот Радев имаше консултации за формирање на нова Влада, парламент има, но за владин кабинет ќе се почека. Сепак, се чини дека кој и да биде нов премиер, ставовите на Бугарија по однос на македонското прашање нема да се променат. Такви сигнали пристигнуваат од Софија. Дали Словенечкото претседателство со ЕУ ќе смени нешто, дали ќе има придвижување на преговорите и приближување на ставовите помеѓу Северна Македонија и Бугарија тешко е да се оцени во овој момент. Едно е сигурно, додека македонската страна не се согласи на одредени отстапки, Бугарија нема да го тргне ветото.
