На крајот од годинава или напролет 2024 година ќе заврши автопатот Кичево-Охрид?
Пред два месеца, надлежните власти уверуваа дека градежните активности ќе завршат согласно предвидениот рок, односно до крајот на 2023-ра.
„Не е вистина, ние имаме постојана комуникација со компанијата Синохидро, исто така и со подизведувачите кои ги има ангажирано компанијата Синохидро и имаме договор до 31.12.2023“, вели Ејуп Рустеми.
Но, сега вицепремиерот Артан Груби, вели дека градежните активности ќе завршат напролет следната година…
„Автопатот кој се гради Кичево-Охрид се очекува да заврши најдоцна до крајот на оваа или напролет следната година“, додаде Артан Груби.
А во меѓувреме, и без да биде означен крајот на изградбата на автопатската делница, премиерот Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби, најавуваат преместување на границата Ќафасан, со што патот до Албанија би се скратил за 20км.
„Последната идеја што ја изнесовме и потпишавме меморандум пред Нова година со премиерот Рама и вицепремиерката Белинда Балуку во Албанија, е да го преместиме граничниот премин, односно границата веќе да не биде на Ќафасан поради висината, туку да се спуштиме подолу во селото Радолишта, поврзувајќи го со селото Кукеш во Албанија, со што патот би се скратил од 15 до 20км“, додаде АртанГруби.
Пред неколку месеци, ТВ21 дозна дека компанијата „Синохидро“ побарала продолжување на рокот за градежните активности на автопатот Кичево-Охрид во 2026 година, но директорот на ЈП за Државни патишта, Рустеми, негира. Останува да видиме што ќе се случи со овој патен правец, кој се гради веќе со години и никако да заврши!
