Премиерот Зоран Заев денеска на прес конференција, по новинарско прашање околу тоа кого СДСМ ќе го поддржи на локалните избори во Тетово, односно дали тоа ќе биде Беса или ДУИ, истакна дека СДСМ ќе го поддржи СДСМ.
„Затоа што прво ги имаме трите коалициони партнери кои што сигурно настапуваат со свои кандидати. Нашето општинско раководство вели дека и ние треба да настапиме, дел од анкетите ни кажуваат дека спаѓаме во првите три партии на локално ниво. Секако, локалните избори се избори на личност и ако навистина се мотивира вистински кандидат или кандидатка, вредно е да размислиме. Ние правиме анкети во Тетово на неколку кандидати кој што поднесоа и кандидатура во постапката на СДСМ“, порача Заев.
Тој вели дека логично е да одат со нивни кандидат.
„Секој да оди со свој кандидат за во вториот круг, кога би останала една владејачка и една опозициска партија, да се поддржи кандидатот од владејачките партии“, додаде Заев.
Лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев, пред неколку дена на прашање од ТВ21, за тоа кого би поддржале во Тетово доколку во втората рунда поминат и ДУИ и Беса, рече дека одговорот на ова прашање може да предизвика проблеми во коалицијата.
„Се уште е рано за одговор во врска со такви претпоставки. Мојот одговор на ова прашање може да предизвика проблем во нашата коалиција. Кај нас мнозинството смета дека СДСМ ќе влезе во втор круг со кандидат на Алијанса. Се уште е рано за да се зборува теоретски“, посочи Зоран Заев.
