Кои се можните кандидати за градоначалници? Силна политичка трка во општините со мнозинство Албанци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако политичките партии сè уште официјално не ги објавиле кандидатите, неофицијално се спомнуваат неколку имиња.
Освен Висар Ганиу, од ВРЕДИ за Чаир може да биде кандидат и Изет Меџити, а се споменува и Калтрина Зеколи. На прашањето дали тој ќе биде кандидатот за Чаир, Меџити изјави:

„Моментално ВРЕДИ ангажираше сериозна агенција за анкети, во сите општини каде што гравитира албанското население – околу 16 општини. Анкетите ќе ни дадат насока за кандидатурите, така што сè уште не зборуваме за конкретни имиња“.

Од Европскиот фронт, неофицијално се споменува името на Бујар Османи како можен кандидат за Чаир, но во трка е и Абдуселам Селами. Од коалицијата велат дека одлуката ќе биде донесена наскоро.

„Во рамките на Фронтот се водеа разговори за кандидатите за градоначалници, наскоро ќе има епилог“, вели Скендер Реџепи.

Во Општина Липково се спомнува актуелниот градоначалник Еркан Арифи од редовите на ДУИ, кој го привршува својот втор мандат. Од ВРЕДИ се споменуваат Илијаса Абази, претседател на огранокот на Алтернатива – Липково и Мустафа Весели од Демократското движење.

Во Сарај се спомнуваат имињата на Блеранд Рамадани од Алијансата за Албанците – крило на Таравари, од ДУИ Блерим Беџети и Рафиз Алити, додека од ВРЕДИ – Мухамед Елмази, извршен директор на „Номагас“, и Орхан Муртезани – актуелен министер за европски прашања.

Во Тетово се спомнуваат имињата на Бајрам Реџепи и Фатон Ахмети од ДУИ, а од Европскиот фронт можна кандидатура има Илир Демири од Алијансата за Албанците – крило на Села. Што се однесува до ВРЕДИ, се очекува актуелниот градоначалник Биљал Касами да излезе за втор мандат.

Во Гостивар, ДУИ може да излезе со Валдет Џафери, а ВРЕДИ со економистот Висар Адеми. Од Алијансата за Албанците – Таравари, можни кандидати се самиот Арбен Таравари или Ваљбон Лимани.

Во Кичево се знае дека независниот кандидат Шкодран Алили повторно ќе се кандидира, додека од ДУИ се очекува да излезат со Фатмир Дехари за трет мандат. ВРЕДИ најверојатно ќе излезе со Фатмир Лимани.

Во Струга се спомнува името на бизнисменот Менди Ќура како кандидат на ВРЕДИ, и Зијадин Села од Европскиот фронт.

Локалните избори во Македонија ќе се одржат во октомври годинава.