ВРЕДИ постепено се движат кон трансформација од коалиција во една политичка партија. По формирањето на Координативното тело и комисијата за избори и именувања, оваа коалиција одреди и заеднички портпарол, Фари Исени.
„Официјалниот портпарол на коалицијата ВРЕДИ ќе биде Фари Исени, додека координатор/организационен секретар на центарот за комуникација ќе биде Алби Ќамили“, вели Фари Исени.
На прашањето дали се очекува пред локалните избори ВРЕДИ да стане една политичка партија, Исени одговори:
„Се додека нема третман од типот дека лицето е од Беса, ДД, АА или ААА, се додека сите се третираат како дел од ВРЕДИ, мислам дека сме на вистинскиот пат и дека е неопходно што поскоро да станеме еден субјект“, додаде Фари Исени
Но во тој случај кој би бил лидер на ВРЕДИ?
„Ова е наметнато и во текот на изборната кампања за тоа кој ќе го преземе бајракот. Ние покажавме дека не сме за бајракот тука туку за благосостојбата на граѓаните, за добро владеење, затоа не ни е важно кој од актуелните лидери ќе ја добие функцијата претседател“, вели Фари Исени.
Инаку коалицијата ВРЕДИ се состои од 4 политички партии, Демократско движење, Алијанса за Албанците, Беса и Алтернатива, а доколку станат една партија, тогаш еден од претседателите, Изет Меџити, Арбен Таравари, Биљал Касами или Зеќирија Ибрахими ќе биде избран на чело на партијата.
