Има 20-тина година и е по потекло од тетовското село Челопек. Ова се првичните информации за напаѓачот кој синоѓа во Виена убие 4 лица, меѓу кои и едно од струшкото село Велешта.
Кој е Кујтим Фејзулаи?
Доаѓал често во тетовското село Челопек, но последен пат бил пред речиси една година. Пред 2 години бил уапсен во Турција, се обидел да влезе во Сирија и да се приклучи на ИД. Потоа бил екстрадиран во Австрија. Последните 6 месеци немал никаков контакт со семејството. Имал двојно државјанство, австриско каде е роден и каде живеел со родителите, но успела да извади и македонско државјанство.
Според австриските портали, Фејзулаи бил млад талентиран фудбалер, но потоа се нашол во друштво на салафисти и бројни лица осудени за тероризам. Тој наводно им припаѓал на салафистите со години и ги посетувал сите важни џамии на тоа движење низ Австрија и Унгарија.
Вчера за време на нападот носел лажен елек како бомбаш самоубиец и пукал со автоматска пушка, а со себе носел и пиштол и мачета. Во нападот се убиени 4 граѓани, а полицијата го застрелала напаѓачот. Сега траат претреси во местата каде се движел Фејзулаи и дали имал соработници.

Како се случи нападот?
Вечерашниот терористички напад во Виена е прв од толку големи размери воопшто во Австрија. Индикативно е дека нападот е изведен на последната вечер пред затворањето на градот во борбата против вирусот корона. Според последните информации, терористите извршиле координирани напади на шест локации во Виена.

Да потсетиме, терористот беше снимен како шета по улиците на Виена и пука кон минувачите со автоматска пушка, а на крајот полицијата го ликвидираше.
Македонска полиција
Веднаш откако австриската полиција го застрелала и го утврдила неговиот идентитет, ја известила и полицијата во Македонија, а сега надлежните го проверуваат македонскиот државјанин.
Момче од струшко убиено за време на нападот
21-годишниот Н.В. со потекло од Велешта, струшко, вчеравечер е убиен во терористичкиот напад кој се случи во центарот на Виена. Според членовите на семејството, во моментот тој бил излезен во кафуле каде бил со пријателите. Како што веќе потврдија и тамошните власти, во Виена синоќа загина уште едно лице по потекло од Северна Македонија, но, тој беше еден од напаѓачите и беше застрелан од полицијата.
