Кој е поголем русофил? Мицкоски: ДУИ е таа што многу лесно го замени еврото за рубљи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавите што доаѓаат од ДУИ и што ги слушаме во последниот период треба да се игнорираат бидејќи тие произлегуваат од немањето идеи пред изборите. Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги коментираше нападите во изминативе денови од ДУИ, дека ВМРО-ДПМНЕ но и нивниот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова се проруски настроени. Тоа се само глупости и расфрлање пердуви, рече Мицкоски.

„Мислам дека станува збор за глупости и им одговори идниот претседател Гордана Силјановска Давкова вчера на Мала Речица. Имајќи предвид дека овие 100 до 150 милиони евра кои што се распишани од ЕЛЕМ како тендери завршуваат кај компанија која што е поседувана од белоруски конзул, тогаш, за овој условно кажано проевропски блок кога станува збор за пари еврото многу лесно го заменуваат со руската и белоруската рубља“, вели Мицкоски.

Арбр Адеми од ДУИ иако деновиве тој излегува на прес конференции со обвинувања и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Силјановска Давкова за проруска настроеност, сепак не сакаше да објасни на што конкретно мисли.

„Не би сакал да ги коментирам ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и на госпоѓата Силјановска Давкова, ги знаеме сите, тоа се јавни настапи но и не само тоа, но и во јавните настапи до денес имаме забележано колку моменти на русофилија има во оваа партија и конкретно кај госпоѓата Силјановска Давкова.“, вели Адеми.

Откако ДУИ побара јавно од ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни дека е против Русија, а претседателката кандидатка Гордана Силјановска Давкова ја нарекоа русоносталгична кандидатка, таа вчера им одговори на нападите дека не е можно ДУИ како максистичко-сталинистичко-енверистичка партија да ја напаѓа и обвинува за русофилија и путинизам. ДУИ е таа која самата призна дека овозможила сериозно руско влијание во Македонија, им врати Силјановска.