Додека пациентите заболени од канцер веќе една недела се загрижени дали недостигот на лекови ќе ја стави во ризик нивната здравствена состојба бидејќи тие на време не можат да ја примат потребната терапија, партиите продолжуваат со меѓусебни препукувања кој е виновен за ваквата состојба. Од СДСМ велат дека за хаосот на Онкологија треба да има одговорност и бараат оставки од директорите на Клиниката за онкологија и на Фондот за здравство, како и од министерот за здравство Арбен Таравари.
„Овој хаос на Онкологија е доказ за системската неодговорност и неспособност на раководните лица во здравствениот систем и мора да има одговорност! Бараме итна оставка од директорите на Клиниката за онкологија, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и министерот за здравство, Арбен Таравари. Додека животите на нашите граѓани зависат од донации власта планира да купува авион за себе. Срамно, неодговорно и тажно!“, рече Симона Цветановска од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак бараат Јавното обвинителство да го истражи случајот со, како што велат, намерно создадена криза со терапиите на Онкологија од веледрогеријата Пановски.
„Го повикуваме ФЗОМ да ја објави вистината за екстра профитите на мафијата на смртта, и колку секоја година некој става во џеб, а пациентите не го добивале тоа што треба. Го повикуваме ЈО да не чека и да почне да постапува. Не може цела држава да биде заложник на една веледрогерија со блиски релации со опозицијата“, изјави Миле Лефков.
Вчера со реакција се јавија од веледрогеријата Пановски од каде ги отфрлаат обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ и најавија дека за тоа ќе преземат соодветни правни дејства.
