За 7 месеци на власт, новата влада пушти во употреба проекти од инфраструктурата кои достигнаа вредност од околу 220 милиони евра. Заслугите за тоа кој ги започнал, а кој ги завршил овие капитални инвестиции станаа причина за кавга меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа реакција на опозицијата следеше откако премиерот Христијан Мицкоски во петокот за ТВ21 рече дека не е проблем да сече лента за пуштање на проекти за кои камен темелникот го поставил неговиот поранешен ривал, Зоран Заев. Тој рече дека подобро да се реализираат проекти за доброто на граѓаните отколку да се градат споменици.
На промовирањето на првиот сегмент од железницата Куманово-Бељаковце, како дел од коридорот 8, со што Македонија станува мост меѓу Албанија и Бугарија, првиот вицепремиер Изет Меџити рече дека железничката инфраструктура ќе помогне за побрз транспорт на стоки и побрзо движење на граѓаните.
-Овој проект започна во минатото, имаше доста застои, имаше многу ветувања. Добро е што се забрза и заврши првата фаза, но се работи на втората фаза. Работиме да се надмине проблемот и за третата фаза каде што се поврзува со границата на Бугарија, и тоа е доста важен сегмент на коридорот 8.
На 4 јануари беше пуштен во употреба магистралниот пат Ранковце-Крива Паланка, дел од Коридорот 8, во должина од 25,5 километри. Премиерот Мицкоски на почетокот на годинава ја пресече и лентата за автопатот Градско-Дреново. Тој нагласи дека продолжува проектирањето на делницата до Прилеп преку Плетвар, а истовремено со стабилно темпо продолжува изградбата на автопатот од Прилеп до Битола, кој се очекува да биде отворен во 2027 година. Изградбата на автопатот Кичево-Охрид е интензивирана, но се уште не се знае кога ќе биде завршена, исто како што се чека изградбата на автопатот Скопје-Блаце, поделен во два сегменти.