Кој и за што троши најмногу струја? РКЕ вели дека немаат податоци, ЕВН не е надлежна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниту од универзалниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоум ниту од Регулаторната комисија за енергетика не даваат информации кои се 17-те домаќинства кои трошат 10 отсто од вкупната струја и зошто трошат толку голема количина на струја.

Се шпекулира дека се работи за копање криптовалути, додека во јавноста излезе информација дека се вмешани и државни институции, но никој не потврдува такво нешто.

Во списокот до кој дојде ТВ21 е евидентирано дека како големи потрошувачи на струја се неколку џамии и цркви, приватно училиште, куќа на бизнисмен, и други, но од ЕВН велат дека овие домаќинства редовно плаќаат, без да се земе предвид колку и за што се троши внатре во објектот.

Од ЕВН додаваат дека нивните надлежности се за мрежниот дел до броилото, но не и за потрошувачката опрема внатре во објектот.

-Во однос на податоците, ЕВН располага само со информации за основните податоци на клиентите, односно име, адреса и број на корисник.
-Согласно законите во сила и политиката на приватност, забрането е за било која компанија давател на услуги во државата, на трети лица да им сподели лични податоци за корисниците, велат од ЕВН.

И од РКЕ велат дека се регулаторно тело и дека немаат детални податоци за тоа кои домаќинства трошат толку многу електрична енергија а појаснуваат дека има исклучоци кои користат цена како домаќинствата и тие се : училишта, студентски домови, џамии, уметнички работилници, итн.

РКЕ

1) станбени објекти за посебни намени наменети за времено сместување на лица во социјален ризик согласно со прописите за социјална заштита, како и објекти за сместување на самци,
2) ученички, студентски, работнички, воспитни и пензионерски домови, како и домови за згрижување на стари и изнемоштени лица и домови за инвалиди и терапевтски групи,
3) детски јасли, градинки, интернати и домови за згрижување на деца,
4) училишни и народни кујни,
5) едностанбени објекти во кои се врши угостителска дејност сместување на туристи,
6) хидрофори кои се користат за снабдување на домаќинства со вода за пиење,
7) уметнички атељеа, и
8) потрошувачка во верски објекти во кои не се врши стопанска дејност.

Ниту претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски не посочи дали најмасовни потрошувачи се оние кои користат струја за опрема за производство на криптовалути, само констатира дека овие потрошувачи немаат проблем со плаќање на сметките. Но, минатиот понеделник претседателот на АА, Зијадин Села во „Клик плус“ обвини дека во некои училишта кои ги водат кадри на ДУИ се произведуваат големи количини криптовалути, а државните органи не преземаат ништо.