Изградбата на спортската сала кај О.У. „Реџе Рушит Зајази“ се претвора во вистински лавиринт.
Потсетуваме дека во последната сторија информиравме дека чекаме одговор од Министерството за локална самоуправа, врз основа на тоа што сите информации на терен говореа дека салата е изградена од ова министерство. Но, по конечниот одговор од Министерството дека немаат никакви документи поврзани со изградбата на оваа сала, почнавме да контактираме со физички лица вклучени во овој проект. Она што зачудува е дека последните информации се дека салата е изградена со средства од ЕУ, што не го спомена ниту една од институциите или лицата со кои досега контактиравме. Од она што го дозна ТВ21, првата фаза започнала во август 2011 година, а завршила во јули 2012 година.
За да најдеме каков било можен документ, контактиравме со канцелариите на ЕУ во Скопје, од каде очекуваме официјален став дали се или не финансиери на овој проект и дали поседуваат некаква документација. Се уште чекаме одговор.
Во текот на неделата ТВ21 неколку пати се обиде да искомуницира со катастарот во Кичево, но од таму не одговараат на телефонските повици.
А за да докажеме дека нешто не е во ред со оваа сала која е затворена повеќе од 12 години, преку наши извори обезбедивме пристап до Катастарот за да видиме дали таму се појавува објектот.
Испадна тоа што го очекувавме, спортската сала не е ниту запишана во Катастарот, туку се уште е старата училишна зграда каде што сега е изградена салата.
Поранешните раководства упорно велат дека салата е во ред и дека документацијата за салата ја испратиле до општина Кичево во времето кога општините биле споени. Но, од општина Кичево категорично демантираат дека поседуваат документи за оваа сала.
Споменатите информации се однесуваат на првата фаза од салата, додека се уште ја бараме втората фаза.