Кој ќе гради во Чаир, Пацоли или Арсовска? Многу зборови, а катните гаражи до никаде

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Договорот со бизнисменот Беџет Пацоли за катните гаражи не е раскинат. Вака одговори градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу по изјавата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која вчера рече дека не ја интересира што направиле другите и дека катните гаражи биле дел од нејзината програма. Според Ганиу целта е да се гради, а не да се натпреваруваат.


-Проект за паркинг ветивме и ние, и таа, но не се натпреваруваме кој ќе го изгради. Целта е да се изгради и да се стави во функција за граѓаните, вели Ганиу.

Ганиу додава дека доколку Арсовска планира да гради во Чаир, тој ќе ја поддржи во таа намера.


-Последниот период од раководството на г.Шилегов со Град Скопје, ова претпријатие велеше дека нема средства за вакви инвестиции и ние требаше да бараме друг излез и единствениот начин беше ова. Да ги скратиме процедурите и да најдеме инвеститор кој ќе ги изгради катните гаражи. Ако Град Скопје има план и сака да ги изгради, јас како градоначалник на Чаир ќе го поддржам, бидејќи тоа е во интерес на нашите граѓани, рече Ганиу.

Инаку, пред локалните избори беше потпишан меморандум за соработка за изградба на 12 катни гаражи меѓу општина Чаир и бизнисменот Беџет Пацоли, но сѐ остана само на хартија, бидејќи градежните активности не почнаа. ТВ21 побара став и од бизнисменот од Косово, Беџет Пацоли, но не успеавме да добиеме одговор околу спроведувањето на проектот. Целата инвестиција тежи 50 милиони евра.