Кандидатите на Брвеница: Општината е мултиетничка и така ќе остане, да нема поделби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Како кандидат на ВЛЕН, Хаќим Рамадани влезе во вториот круг на локалните избори во Брвеница.

За вториот круг тој ги обедини слоганите на двете коалиции – ВЛЕН и НАИ. Сепак, повика ниту еден политички претставник да не присуствува на завршниот митинг што ќе го одржи во петок.

Хаќим Рамадани објаснува дека неговата кауза е над политичките партии и дека ќе биде градоначалник на сите жители на оваа општина.

„Јас не згрешив ништо ниту кон господинот Касами ниту кон господинот премиер. Јас барам прошка само од граѓаните, кои ме познаваат и ме знаат, а сметам дека мојата кампања во однос на двајцата политички лидери не направи никаква грешка, бидејќи јас не правам ‘голема политика’. Денес ги претставувам само жителите на Општина Брвеница и ја користам оваа прилика да им се обратам на сите лидери на албанските и македонските партии да не ја злоупотребуваат Општина Брвеница за калкулации со урбаните општини, затоа што за нас Брвеница е поважна од сите други.“, додаде Хаќим Рамадани.

Рамадани вели дека при посетите на дијаспората добил ветување дека иселениците ќе дојдат во недела да го искористат своето избирачко право во родното место, каде што, според него, ги инвестираат своите заштеди.

„Почитувани браќа кои живеете и работите во дијаспората, целиот ваш капитал го инвестирате овде и ве повикувам преку слободното гласање да го поддржите овој процес, затоа што е жално – од 11 илјади жители Албанци, 7 илјади живеат надвор, тие ја полнат општинската каса со своите пари, а нивниот глас не треба да остане без тежина. Ги повикувам сите жители на Брвеница, без оглед на нивните политички, национални или верски убедувања, да се обединат и преку гласот да го изберат градоначалникот за кој сметаат дека во следните четири години најдобро ќе ја води Брвеница.“, порача Хаќим Рамадани.

Од другата страна, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, изјави дека општината е пример за одличен соживот и дека очекува поддршка и од албанските сограѓани.

„Повиците за поделби не им носат добро на никого. Населението го докажа тоа и во првиот круг – тогаш добивме и албански гласови, кои ги очекуваме и сега. Брвеница е докажан пример за соживот. Уште еднаш упатувам апел до сите – не сме за омраза, ниту за поделби. Ги повикувам сите да покажеме дека Брвеница е мултиетничка средина и така ќе остане.“, вели Јовица Илиевски.

Хаќим Рамадани во првиот круг освои 2.021 глас, додека Јовица Илиевски 3.388. Кој ќе победи, ќе се дознае во недела навечер.