Кој ќе одговара за криминалот во „Лопушник“? – Кривична има за директорот, а судот не води никаква постапка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали останува во „фиока“  штетата од 300 илјади евра на претпријатието ЈП „Лопушник“ во Кичево, случај за кој ТВ21 известуваше пред неколку дена.

Во последниот извештај на Евротинк во врска со нелегалното сеча на дрва се вели дека ЈП „Лопушник“ има претрпено голема штета и дека во тоа се вмешани раководството на претпријатието и неколку вработени.

ТВ21 дознава дека на 21 февруари минатата година била поднесена кривична пријава против 61-годишниот З.К. за злоупотреба на службена положба, како и против две други лица од с.Пласница – Ш.А. на 51 годишна возраст, и 39-годишниот Б.Б, вработени во претпријатието „Лопушник“.

За овој случај, вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, рече дека преземаат сите мерки но без да открие детали.

Но и покрај тоа што помина една година од кривичната пријава од МВР, од кичевскиот суд велат дека немаат никаква информација за овој случај.

„По однос на Вашето прашање дали има заведено кривичен предмет против директорот на филијала „Лопушник“ Кичево и двајца вработени во истата фирма, Ве известуваме дека по завршената проверка во кривичното одделение констатирано е дека нема заведено кривични предмети за наведените лица“, посочуваат од Судот во Кичево.

Контактиравме со првиот човек на филијалата „Лопушник“ Кичево, Зоран Крстески, но тој ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека илегалните дрвосечачи се тие кои му нанеле штета на претпријатието. Негира дека е вклучен во корупција.

Последното истражување на Евротинк,  кое го опфаќаат периодот од 2010 до 2019 година покажува дека  станува збор за организирана криминална активност каде сериозни хиерархиски криминални групи и структури успеваат да соберат голема количина илегално исечени дрва. Од Евротинк велат дека во оваа илегална дејност се вклучени и моќни политички фигури.