Кој најмногу посакува предвремени избори? Арсовски: Потребен е разумен мотив, во спротивно ќе се смета за политички маневар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Колку е сериозна можноста за одржување предвремени парламентарни избори? Политичките партии овие денови ја вжештија атмосферата, откако премиерот Христијан Мицкоски повторно ја отвори темата, изјавувајќи дека доколку опозицијата сака предвремени избори, тој е подготвен за нив.

Политичкиот аналитичар, Петар Арсовски вели дека во моментов предвремените избори им одговараат само на ВМРО-ДПМНЕ, а евентуално и на ДУИ, но сепак нагласува дека она што е важно е дека во моментов не постои разумен мотив за одржување на избори.

За одржување предвремени парламентарни избори се изјаснија сите опозициски партии, со исклучок на СДСМ, кои велат дека не сакаат да му бидат алиби на Мицкоски за нова изборна трка. Ниту ВЛЕН досега нема излеглено со јасен став.

Арсовски посочува дека власта има доволно мнозинство за распишување предвремени избори, но во тој случај врз неа ќе падне и одговорноста за таквата одлука. Според него, клучното прашање е која би била причината за нивно распишување.

Во меѓувреме, од опозициската партија и денеска повторија дека нема да му дадат алиби на Мицкоски за предвремени избори.

Премиерот Мицкоски во своето последно интервју изјави дека, доколку опозицијата смета дека се неопходни предвремени избори, власта позитивно ќе одговори на таквото барање и дека ќе ги добие изборите.