Колапс на граничниот премин со Грција, удрил гром!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сериозни технички проблеми вечерва го погодија граничниот премин Евзони на македонско-грчката граница, откако силен удар од гром предизвикал прекин во снабдувањето со електрична енергија и колапс на дел од клучните системи за работа.

Според информациите објавени од регионалните медиуми, проблемите започнале по невремето кое ја зафатило областа, при што биле оштетени електричните и комуникациските системи на грчката страна од преминот.

Помошните агрегати кои биле ставени во функција не успеваат да обезбедат доволно електрична енергија за непречено работење на сите уреди и служби. Дополнителен проблем претставува и прекинот на интернет-врската, поради што не функционираат компјутерските системи за пасошка контрола.

Комбинацијата од недостаток на струја и нефункционални комуникациски мрежи предизвика сериозни застои во сообраќајот и значително го отежна преминувањето на границата. Во одредени периоди, работата на граничните служби била речиси целосно парализирана.

Проблемот дополнително ги загрижува патниците бидејќи се случува во период кога голем број граѓани патуваат кон грчките туристички дестинации. Многумина од нив се жалат дека немаат официјални информации за времетраењето на застојот и за тоа кога ќе биде отстранет дефектот.

Надлежните служби работат на нормализирање на состојбата, но засега нема официјална проценка кога системите повторно ќе бидат целосно функционални.

На возачите кои патуваат кон Грција им се препорачува, доколку имаат можност, да ги користат алтернативните гранични премини Меџитлија и Дојран, со цел да избегнат подолги задржувања и неизвесност на „Евзони“.