Колефски и Паскалидис заедно ќе лобираат за отворање на граничниот премин Церје на албанско – грчката граница

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Стратешкиот план за развој на Преспа, одобрен во 2002 година од трите земји што го делат Преспанскиот басен, Албанија, Македонија и Грција предвидува отворање на два гранични премини, од кои едниот граничен премин е во селото Церје, во општина Пустец, информираа од општината.

-Како дел од овој план, кај пирамида бр. 10 во селото Церје се сретнаа градоначалникот на Пустец, Пали Колефски и градоначалникот на Преспа- Грција, Панајотис Паскалидис. Тие се договорија заедно да лобираат до владите на двете земји за реализација на оваа иницијатива што ќе донесе поголем економски и туристички развоj на областа Преспа, додаваат од општина Пустец.

И лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, во својство на пратеник во албанскиот парламент, на пленарна седница во јануари годинава ја акцентираше потребата од отворање на овој граничен премин.

-Македонската заедница во општина Пустец, област Преспа, со години бара отворање на граничен премин со Грција во селото Церје, во општина Пустец. Отворањето на овој граничен премин ќе донесе посебен развој на општината Пустец, ќе ја зголеми економската соработка помеѓу жителите од двете страни на границата и ќе го зголеми бројот на туристи, како во Општина Пустец, така и во Општина Корча, рече тогаш Стерјовски.

Тој од собраниската говорница побара од албанската Влада да ги земе во предвид барањата на Македонците во Пустец, подржани од него, од локалната власт на општина Пустец, како и окоругот Корча.