Комитова: Приоритетот на Бугарија е подобрување на поврзаноста меѓу Балканот и Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарската министерка за регионален развој и јавни работи, Виолета Комитова, на италијанската амбасадорка во Софија, Џузепина Џара и соопшти дека приоритетите на нејзината земја се подобрување на поврзаноста меѓу Балканот и Европа.

Според дописникот на МИА од Софија, министерката Комитова изјави дека Бугарија напорно работи на изградбата на паневропскиот транспортен коридор 8, што е најкратката врска меѓу Јадранско и Црното Море.

Џузепина Џара истакна дека италијанскиот бизнис има многу сериозен интерес за инфраструктурни проекти во Бугарија, вклучувајќи и проекти за патишта и железници, чија имплементација е важна за развојот на трговските и економските односи меѓу Бугарија и Италија.

За Италија од особен интерес се големите патни проекти како што се изградбата на автопатите Хемус – Струма до границата со Грција, како и тунелот под врвот Шипка. Овие проекти се интересни за Италија бидејќи обезбедуваат стратешка врска на Бугарија со другите соседни земји.

-Целта на Бугарија е да создаде транспортна инфраструктура во правецот север-југ, што ќе го поврзе Црното Море со Јадранско, Средоземно и Балтичко Море, објасни министерката Комитова. А таквата врска е тунелот под Шипка, што се поврзува со патот Велико Трново – Русе, мостот кај Русе, и стигнува на југ до Егејското Море и проектот за црноморскиот автопат, што ќе ги поврзе Варна и Бургас, двата бугарски града лоцирани на брегот на Црно Море.