Голем дел од компаниите ја злоупотребиле државна помош поради пандемијата од коронавирусот, изјави во синоќешното издание на емисијата Клик Плус, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Таа појасни дека против истите тие компании се превземени мерки со блокирање на сметки и наплата на долгот, а за управителите ќе следуваат и кривични пријави. Ова се однесува исклучително на компаниите кои аплицирале три месеци едно по друго, и ја имаат направено таа злоупотреба.
„Ние прво јавно транспарентно објавивме, кажавме каде се правени тие злоупотреби на државната помош, бидејќи станува буквално збор за помош од државата. Можеби затоа и во јавноста беше сето тоа така скандалозно прифатено. Ние таму спроведовме контроли заедно со Државниот трудов инспекторат, некаде ги спроведовме контроли каде гледавме движење на сметките, ги гледавме документациите, билансите, пријавите исто така ги спроведовме сите дејствија на присилна наплата“, рече Сања Лукаревска, директорка на УЈП.
Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсевска дека најголем проблем во сивата економија е недоволната разграниченост меѓу нерегистрираните и оние кои заработуваат вистинско богатство.
„Најголемиот проблем во сивата економија е недоволната разграниченост меѓу оние кои се нерегистрирани оние кои не фигурираат никаде, и оние кои заработуваат милионски суми. Не зборуваме за зелени пазари, за луѓе кои работат да преживеат, за трговци поединци, туку за индивидуи кои имаат богатста и не можат да кажат од каде ги стекнале. Едновремено ниту работат ниту имаат регистрирано претпријатие ниту заработуваат на било каков начин“, истакна Данела Арсевска, претседателка на ССК.
Во емисијата беше потенцирано и дека компаниите кои не работат регуларно, истите реагираат и бараат начин како да не ја платат казната. Воедно, беше упатен апел дека за петтиот пакет економски мерки нема да може да аплицираат компаниите кои користат бескаматен кредит.
