Контаминирана вода – политички судир: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН со меѓусебни обвинувања за одговорноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ ја обвинува Владата дека не успеала да обезбеди безбедна вода за пиење, посочувајќи ги случаите во Гостивар, Валандово, Лешок и Крушево. Симона Цветановски од СДСМ побара да бидат објавени анализите на водата, истрага и одговорност за надлежните институции, како и оставки од министерот за здравство и раководителите на Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство.

„За само неколку денови имаме четири града, со загадена вода за пиење. Ова е најдраматичен доказ за целосниот системски распад на здравството и институциите под власта на Мицкоски и неговата Организирана криминална група. Прашањето е колку градови уште пијат неисправна вода?“ – вели Симона Цветановски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари дека молчат по случајот со загадената вода во Гостивар, штитејќи го, како што велат, нивниот кандидат Валбон Лимани. Пратеникот Бране Петрушевски истакна дека владините институции реагирале брзо за решавање на проблемот и дека тоа покажува недостиг на капацитет кај локалната власт за управување со ситуацијата.

„Ниту осуда, ниту барање за одговорност, ниту повик за оставка од нивниот кандидат Валбон Лимани, кој јавно изјави дека не чувствува никаква морална одговорност. СДС, ДУИ и Таравари молчат затоа што Валбон Лимани е нивен кандидат и го штитат преку нивните обвинители и судии“, вели Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВЛЕН оценуваат дека загадувањето на водата во Гостивар е резултат на долгогодишна негрижа и лошо управување, при што се отвораат сомнежи за начинот на трошење на средствата за реконструкција на водоводната мрежа за време на претходната локална власт. Пратеникот Беким Ќоку изјави дека станува збор за последица која не смее да остане без целосно расчистување на околностите и без одговорност за виновниците.

„Досега објавените факти зборуваат за истиот коруптивен начин на размислување што го следеше владеењето на ДУИ: средствата за инфраструктура никогаш не завршувале таму каде што требало. Како и во случајот со канализацијата во Зајас, така и во Гостивар се отвораат сериозни прашања за средствата наменети за реконструкција на водоводот. Средствата за оваа намена, во времето на поранешниот градоначалник Арбен Таравари, завршиле во непознат правец“, вели Беким Ќоку, пратеник и потпретседател на ВЛЕН.

Пред неколку дена, градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, кој доаѓа од Алијансата за Албанците на Таравари, побара случајот да не се злоупотребува за политички теми. Тој нагласи дека негов приоритет останува здравјето на граѓаните и што е можно побрзо гостиварци повторно да добијат вода за пиење.