Контролата на летање на скопскиот аеродром доби нов систем за менаџирање на авиосообраќајот. Според директорот на Македонска навигација, Владимир Ристески ставањето во употреба на новиот систем е од големо значење за М-НАВ и со него не се добива само нова технологија, туку се создава стабилна и современа основа врз која треба да се развива целиот систем во воздухопловната навигација.
„Со новиот АТМ-систем, пред сè ја стабилизираме М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација и обезбедуваме повисоко ниво на сигурност, континуитет во давање на услугите, а ова е особено важно во период кога воздушниот сообраќај низ македонскиот воздушен простор бележи енормен пораст“, порача Владимир Ристески.
Министерот за транспорт Николоски потенцираше дека ова е систем кој има долга историја и го прателе скандали. Набавката била започната уште во 2014 година, а договорот бил склучен во 2018 година со италијанската компанија „Леонардо“. До 2024 година немало никакви активности, а со случајот се занимавале истражните органи. Вели слична е судбината и со радарот, за кој договорот прв пат бил потпишан во 2022 година и до 2024 немало никакви активности.
„Новиот радар веќе е на Контролната кула и во моментов се вршат потребните тестирања. Во текот на септември или октомври месец ќе биде целосно ставен во функција, со што македонското небо ќе има највисок систем на контрола и највисок систем на безбедност. Воведувањето на овие два системи, АТМ-системот и новиот радар, целосно го покриваме македонското небо на највисоко ниво што во моментов во светот може да се најде на контрола и на безбедност“, вели Александар Николоски.
Според Николоски, новиот АТМ-систем е од особено значење поради зголемениот број прелети над македонскиот воздушен простор.
