Владината коалиција е нејасна во врска со ставот за Коридорот 8. Додека ВРЕДИ вели дека овој коридор е приоритет, претставници од ВМРО го велат спротивното.
Министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска вели дека станува збор за проект кој не носи додадена вредност. Таа ги праша новинарите – дали знаете некоја компанија која дистрибуира производи од Драч до Бургас преку овој коридор?
Од ВМРО-ДПМНЕ изјавата на министерката ја оценуваат како добро осмислена и добро објаснета. Велат дека станува збор за коридор кој завршува во тунел без излез.
Пред неколку недели Изет Меџити од ВРЕДИ рече дека се одвоени една милијарда евра за завршување на овој коридор.
„Во Буџетот на Македонија поголемиот дел од средствата се предвидени токму за коридорот 8, значи имаме инвестиција од над милијарда евра главно насочени за коридорот 8, бидејќи овој коридор има посебна важност за Македонија и регионот“, вели Меџити.
Реагираа и од ВМРО-НП од каде го поддржуваат овој проект. Од таму велат дека се подготвени да ги прифатат промените на проектот, но никако нема да прифатат целосно поништување на проектот.
