Потврден е прв случај со коронавирус во Македонија. Станува збор за 50 годишна жена која утрово во два часот се вратила од Италија, каде престојувала еден месец кај нејзини роднини и пријатели. Според информациите две недели била болна, била на лекар во Италија, но не и направиле тест за коронавирус и била третирана како да има обичен вирус. Пациентката е хоспитализирана во Инфективна клиника во Скопје, во одделението за изолација. Според здравствените власти, самата се пријавила во Инфективна клиника од страв дека има слични симптоми на новиот смртоносен вирус.
Заразената пациентка, од Белград во Скопје допатувала со минибус, каде имало и други патници, кои ќе бидат повикани за контрола.
Епидемиологот, Караџовски, вели дека вакво нешто е очекувано и дека не се изненадени од коронавирусот.
Од Инфективната клиника за ТВ21 велат дека состојбата на пациентката е стабилна. Наспроти фактот дека е прв пријавен случај со корона вирус, техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека гранииците нема да се затворат и нема да се откажат прославите и масовните собири во земјава. До сега во земјава имаше сомнежи за три лица кои дојдоа од Италија и Дубаи, чии резултати беа негативни.
