Коронавирусот не ги поштедува ниту децата – двомесечно бебе е најмалиот заразен пациент

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Коронавирусот не ги поштедува ниту децата. Осум деца се позитивни на Ковид-19 и се хоспитализирани во детската болница Козле. Две од нив се на кислородна поддршка. Пред три дена е хоспитализирано новороденче, а најголемото дете заразено со Ковид-19 има 15 години.

„Во болницата во Козле која се користи како Ковид центар за деца, хоспитализирани се 12 деца заразени со коронавирус. Во моментов 8 од нив се позитивни, две од нив се на кислородна поддршка. Најмалиот пациент е стар само 2 месеца, а најголемото дете 15 години. Нивната здравствена состојба е стабилна“, посочи репортерката на ТВ21.

Од Министерството за здравство информираат дека состојбата на заразените деца со корона вирус е стабилна и се третираат со потребната терапија.

„Вкупната бројка на регистрирани случаи со Ковид-19 кај деца досега е 2244. На возраст од 0-9 години регистрирани се 857 случаи, додека пак на возраст од 10-19 години 1387 случаи. Во моментов, 12 деца се хоспитализирани во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле. Од нив, 8 деца се позитивни на коронавирусот. Две деца се на кислородна поддршка. Сите се во добра здравствена состојба. За сите пациенти за кои се смета дека им е потребна антибиотска терапија се ординира единечна или двојна антибиотска терапија“, истакнаа од Министерството за здравство .

Министерството за образование и наука информира дека најмалку  1% од учениците и вработените во основните и средни училишта  се заразени со Ковид-19. Во рамки на наставата со физичко присуство, регистрирани се вкупно 40 ученици со корона вирус и 52 вработени од наставниот кадар во основните и средни училишта. Од моментот на отворањето на градинките околу 26 деца и 83 вработени во градинките добиле позитивен резултат на Ковид-19.