Работиме многу на сузбивање на корупцијата, а изминатава година имаше доста голем број коруптивни случаи што ги откривме истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на научната конференција „Системска корупција – најголема безбедносна закана“. Рече дека има намалување на корупцијата, но, како што истакна треба уште многу да се работи во борбата против ова општествено зло кое задира и во безбедносниот систем. Тој рече дека има случаи кои се и во нивните редови.
-Од сите оние постапки што ги превземаме особено, еве ќе го земам за пример Одделот за внатрешна контрола, огромен број на случаи, огромен број на процесни дејствија се преземени од страна на Одделот за внатрешна контрола во изминатава година, година и пол и гледаме резултат од тоа, гледаме резултат во насока на процесуирање на сите оние постапки во рамки на Министерството за внатрешни работи, соодветно санкционирање на оние кои што, нечесно, непрофесионално, недостоинствено и коруптивно се однесуваат во рамки на внатрешни редови на Министерството за внатрешни работи, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Со овој проблем се соочува и првиот човек на Управата за санкции Александар Пандов кој вели дека она што го видел таму укажува на постоење на системска корупција. Голем дел од затворениците, па и оние кои се во притвор веднаш по добро разработени канали добиваат мобилни телефони.
-За жал, во одреден број на затвори онаа борба која што е најочигледна колку има мобилни телефони, во одредени затвори за жал бројките се поразителни за мене. Можам да посочам одреден број на затвори каде што со, кого сакате да викнеме да ги направат претресите, јас ве уверувам дека нема да најдеме ниеден или еден – два сега телефони и точно е дека во одредени затвори нема телефон само оној кој што не сака да има, изјави Александар Пандов, директор на Управа за извршување санкции.
На конференцијата учествуваа и ректорот на Универзитетот „Климент Охридски“ професор Игор Неделковски, како и ректорот на Битолскиот универзитет професор Јонче Ивановски кои истакнаа дека наместо да владее правото и правните норми владеат поединци и нивните користољубиви цели кои ги кршат правата на граѓаните, а со инфилтрација на корупцијата во институциите се парализира системот.