Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека Европската Унија останува посветена на европската перспектива на Северна Македонија, нагласувајќи дека проширувањето е заедничка цел и дека иднината на земјата е во Унијата.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кошта ги поздрави напорите на Владата во спроведувањето на реформите, посочувајќи го напредокот во владеењето на правото, реформата на јавната администрација и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Вашата влада покажа посветеност, а неодамнешниот напредок во реформската агенда е значаен за европскиот пат на Северна Македонија и за користење на придобивките од Планот за раст“, изјави Кошта.
Сепак, тој нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално продолжување на пристапниот процес.
„Уставните измени се единствениот пат за формално започнување на пристапните преговори и за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија“, рече претседателот на Европскиот совет.
Кошта истакна дека ЕУ е најголемиот инвеститор и најважниот трговски партнер на земјата и најави продолжување на политичката и финансиската поддршка за реформските процеси.
Тој порача дека напредокот кон членството може да се постигне преку конструктивен дијалог со соседите, градење доверба и спроведување на неопходните реформи.
На крајот од обраќањето, Кошта најави дека повторно ќе се сретне со премиерот Мицкоски на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој на 5 јуни ќе се одржи во Тиват, Црна Гора.
